П. Може ли да добијам некакви попусти што ќе ми помогнат да ги платам сметките за енергија?
О. На домаќинствата што имаат картичка за попусти, владата на Викторија им дава поголем број попусти за плаќање на сметките за струја и за гас. На пример, има попуст од 17,5% во текот на целата година за сметките за струја, и попуст од 17,5% за сметките за природен гас во текот на зимскиот период. Попусти исто така може да добиете и ако страдате од некоја болест што е чувствителна на топлина. Ве молиме јавете се во вашата компанија што ве снабдува со енергија за да договорите попустот автоматски да се одбива од вашата сметка за енергија. Немојте да се јавувате во Општината затоа што ние не ги договараме тие работи.
П. Што можам да сторам за да ги намалам моите сметки за енергија и загадувањето со јаглерод?
A. Може да сторите многу работи што нема да ве чинат ништо или ќе ве чинат евтино. Еве ги петнаесетте најдобри совети на општина Даребин што ќе ви помогнат да ја намалите потрошувачката на енергија во вашиот дом и да заштедите пари на вашите сметки за енергија. Во просек, домаќинствата плаќаат околу 25 центи по еден киловат-час за електрична енергија. Тој износ беше употребен за да се пресметаат зашедите во следните примери:
Електрични апарати
1. Исклучете го вториот фрижидер или замрзнувач. Дури и ако е мал, електричната енергија што ја троши може да ве чини од $104 до $260 годишноi. Можете многу да заштедите ако го исклучите вториот фрижидер што ви служи за пијалаци во текот на неделата или меѓу забавите, или пак можеби ќе одлучите дека тој воопшто не ви е потребен.
2. Сушете ги алиштата природно. Користењето на машината за сушење алишта чини околу 75 центи за секое вклучувањеi. Место тоа, алиштата можете да ги исушите бесплатно на решетка за сушење или на јаже за сушење алишта
3. Исклучете го телевизорот кога не го користите. Ако имате голем стар плазма телевизор, неговото работење може да чини 10 центи на час. Најштедливите нови модели трошат околу 2 центи на час. Ако само слушате, обидете се да пуштите радио место телевизор.
4. Намалете го непотребното користење на електричните апарати. Изгаснете ги светилките кога излегувате од просторијата подолго од 10 минути. Тврдите подови може да ги метете место да ги чистите со правосмукалка.
5. Купувајте електрични апарати со висока ознака за штедење на енергија на налепницата. Колку повеќе ѕвездички има, толку повеќе пари заштедувате. Проверете на налепницата колкава е точно потрошувачката на енергија за да ги споредите трошоците за работење на апаратот.
Топла вода
6. Туширајте се пократко време. Поставете туш што штеди вода и трудете се вашето туширање да биде пократко од 4 минути
7. Перете ги алиштата во студена вода место во жешка и ќе можете да заштедите $90 годишно.
8. Загревајте ја водата само до 60°C. Проверете го термостатот на вашиот бојлер за вода, затоа што загревањето на водата над таа температура е залудно трошење
Греење и ладење
9. Поставете ги термостатите на греењето на најниската температура што ви е пријатна. Температурата од 18°C до 20°C им е пријатна на повеќето луѓе ако носат џемпер или домашен фустан и ако се покријат со ќебе кога седат на каучот. Секој 1°C пониска температура заштедува 10% од трошоците што ги прави вашето греење.
10. Спречете го провевот во вашиот дом. Провевот е заслужен дури за 25% губење на топлината од домот во зима. Ако можете да ја спречите топлината да бега надвор, тоа ќе има големо влијание врз енергијата и парите што можете да ги заштедите на сметките.
11. Користете ефикасно греење. Користете греење на природен гас со висока ознака за штедење на енергија. Таквото греење е многу подобро од греењето на струја затоа што нивното работење е многу поевтино и помалку загадува (LP).
12. Користете ефикасно ладење. Користете вентилатор или разладувач на вода место клима-уред, затоа што тие користат многу помалку енергија. Ако имате клима-уред, поставете ја температурата на 26°C или повеќе во лето. За секој 1 степен покачување на вашиот термостат, може да заштедите околу 10% на трошоците за работење.
13. Грејте ги само просториите што ги користите. Затворете ги отворите за проветрување и вратите во просториите што ретко ги користите за да го намалите губењето на енергијата за греење.
14. Поставете изолација на таванот со R-вредност од најмалку 3,5. Изолацијата на таванот може да заштеди до 45% од трошоците за греење.
15. Покријте ги прозорците. Поставете дебели завеси што добро налегнуваат, римски ролетни или ролетни што имаат форма на медено саќе, зашто тие го задржуваат студениот воздух кај прозорецот и немаат процепи низ кои студениот воздух ќе влегува во вашиот дом. Поставувањето на маска врз корнизата на прозорецот исто така може да помогне да се намалат губењето на топлината и влегувањето на студен воздух внатре (LP). Ако живеете под кирија или ако не можете да си дозволите да купите завеси, обидете се место тоа да користите ќебиња
Цифрите што се дадени овде се само приближна проценка. Вистинските заштеди ќе зависат од тоа колку често ги користите електричните апарати, од тоа какви се ефикасноста и големината на секој одделен електричен апарат, како и од тоа колку ве чини електричната енергија. Овие информации беа обновени во јули 2012 г.
П. Може ли Општината да даде повеќе совети или поддршка во врска со штедењето на енергија и намалувањето на сметките за струја и за гас, во врска со добивањето топла вода со помош на сончевата енергија, со плочите за собирање на сончевата енергија, или со климатските промени?
О. Да. Општината и други организации имаат изработено книшки на вашиот јазик во кои се објаснуваат начините како може да ја намалите потрошувачката на енергија, да го намалите загадувањето и да заштедите на вашите сметки за струја и гас.
На местото на интернет на Програмата за одржливи домови и заедници (Sustainable Homes and Communities Program) може да се најдат материјалите Talking My Language (Го зборуваме вашиот јазик) и други материјали што може да ги користат културно и јазично различните заедници. Притиснете овде за да видите.
Низа разновидни повеќејазични материјали за заштита на животната средина исто така може да се најдат и на местото на интернет на организацијата за заштита на животната средина Environment Victoria: http://www.environmentvictoria.org.au/translations
За натамошна помош на други јазици освен на англиски, ве молиме јавете се на Повеќејазичната телефонска линија на Општината и побарајте да зборувате со Отсекот за заштита на животната средина (Environment area) на (03) 8470 8405